Добредојдовте во Виртуелната берза!

Виртуелната берза претставува игра на знаење преку која учесниците стекнуваат искуство од областа на тргувањето со хартии од вредност. Виртуелната берза претставува симулација на вистинското тргување на Македонската берза, бидејќи со виртуелни пари се купуваат и продаваат вистински хартии од вредност што се тргуваат на Македонската берза. Покрај едукативниот карактер, оваа игра има за цел кај секој учесник да стимулира остварување на најголем профит при тргувањето во виртуелниот берзански свет. Воедно, учесниците во играта имаат можност да го вреднуваат своето вистинско портфолио остварено од тргувањето на Македонската берза.

Изменети правила за тргување преку Витруелната берза

Со цел поцелосно пресликување на реалното тргување преку Македонската берза на тргувањето што се реализира преку Витруелната берза во овогодинешниот петти циклус на проектот се воведени изменети правила на тргување кои се оденсуваат на количината на акции со кои може да се тргува на дневна основа. Воедно, воведена е и провизија од 1,5% на вредноста на склучените купопродажни трансакции. Исто така, отстранет е условот за склучување трансакција со определена хартија од вредност на дадениот ден на тргување на Македонската берза со таа хартија од вредност да се оствари промет (без блок трансакции) од најмалку 50.000 денари.

Правила

За да учествувате во играта Виртуелна берза потребно е да се регистрирате преку следниов линк.

Доколку сакате да бидете еден од потенцијалните добитници на наградите што Македонската берза ќе ги додели на тројцата најуспешни учесници во играта, при регистрацијата потребно е да ги наведете Вашите точни контакт податоци.

Со самото регистрирање во играта иницијално ќе Ви бидат доделени 500.000 денари виртуелни пари со кои ќе можете да купувате и продавате акции што се котирани на Официјалниот пазар на Македонската берза на подсегментите Супер котација,Берзанска котација и Задолжителна котација.

Хартии од вредност (акции) со кои ќе може да се тргува на дневна основа

На учесниците во виртуелното тргување расположиви за тргување ќе им бидат акциите со коишто е реализиран промет на официјалното тргување на Македонската берза на даден ден.

Цените на хартиите од вредност

Цените на акциите се изразени во денари, без децимални места и се однесуваат за една акција. Се тргува по последната просечна цена за дадена хартија од вредност постигната на официјалното тргување на Македонската берза.

Количина на акции која може да се купува/продава на дневна основа

На дневна основа (на определен ден на тргување) можете да ја купите/продадете онаа количина на акции којашто е иструвана на официјалното тргување на Македонската берза. Воедно, за да продадете одредена количина на акции истата треба да ја имате во Вашето портфолио, односно предходно да сте ја купиле.

Кога може да се тргува

Тргувањето на Виртуелната берза ќе се одвива 7 (седум) дена во неделата во периодот од 16:00 часот на тековниот ден на тргување до 09:00 часот наредниот ден на тргување. Во оние денови кое се неработни за Македонска берза АД Скопје (викенди и празници) тргувањето на Виртуелната берза ќе се реализира според условите од последниот работен ден на Македонска берза.

Целта на играта е од реализираните купопродажни трансакции да постигнете максимална вредност на Вашето портфолио.

Ранг листа на учесниците

На почетната страна на Виртуелната берза ќе биде прикажана ранг листата на сите учесници во играта според вредноста на нивното моментално остварено портфолио. При вреднувањето на портфолијата ќе се користат официјалните просечни цени на хартиите од вредност, постигнати на последниот ден на тргување со истите.